ББС ГО БОЈКОТИРА ШОУТО НА ПОЛУВРЕМЕТО ОД ФИНАЛЕТО НА СП
Објавено на: 16.07.2026
Британскиот јавен сервис BBC нема да го пренесува музичкиот спектакл што ФИФА за првпат го воведува на полувремето од финалето на Светското првенство, јавуваат британските медиуми.
Иако првично и двата официјални британски телевизиски преносители, BBC и ITV планираа наместо шоуто да емитуваат студиска анализа и коментари, во меѓувреме ITV ја промени одлуката и сепак ќе го пренесува настапот. BBC, според последните информации, останува на ставот дека нема да го емитува спектаклот.
Одлуката доаѓа во време кога многу навивачи, играчи и тренери јавно негодуваат поради промените што ФИФА ги воведе на овој Мундијал. Особено на удар се најдоа двете триминутни паузи за хидратација, кои според критичарите се воведени за да се создаде дополнителен простор за реклами, иако ФИФА официјално тврди дека тие се неопходни поради високите температури.
Полувременското шоу ќе трае околу 11 минути и ќе биде инспирирано од спектаклот на американскиот Супербоул. На сцената ќе настапат Шакира, Мадона, Џастин Бибер и јужнокорејската група BTS, а креативен директор на целиот настан е фронтменот на Coldplay, Крис Мартин. Дел од шоуто ќе бидат и детскиот хор PS22, како и популарните Мапети, предводени од Кермит и Мис Пиги.