Фудбал

ЕНТОНИ ЗА ИСТОРИЈА, МОЖЕ ДА БИДЕ ДВОКРАТЕН ЕВРОПСКИ ШАМПИОН ВО ЕДНА СЕЗОНА

Од пропадната инвестиција до препороден лидер, Ентони за помалку од шест месеци ја трансформира кариерата откако замина на позајмица во Бетис. Во шпанскиот клуб постојано брилјира, го прави она што се бараше од него, но не се виде на „Олд трафорд“, а бразлискиот ас моментално се наоѓа во несекојдневна позиција.

Имено, има сценарио во кое Ентони може да освои медали во две различни европски клупски натпреварувања, а еве и како. Со неговиот Бетис, Ентони прво треба да обезбеди финале во Конференциската лига, а потоа и да се радува на победа во мечот за титулата. За да стигне до таму, во четврток навечер тимот од Севилја треба да ја елиминира Фиорентина така што ќе го оправда резултатот од 2-1 од првиот меч.

Со оглед на тоа дека во првиот дел од сезоната играше за Јунајтед во Лигата на Европа, Ентони може и од ова натпреварување да добие одличје доколу Црвените ѓаволи во четврток го потврдат пласманот во финалето, а потоа веројатно против Тотенхем избраниците на Рубен Аморим да го обезбедат трофејот во второто по квалитет континентално натпреварување на УЕФА.

Значи, Бетис и Јунајтед да бидат шампиони во Лигата на Европа, односно Лигата на конференции, и Ентони ќе биде првиот фудбалер во историјата кој освои два европски трофеи во една сезона.