ФЛИК БАРА ОДГОВОР ОД БАРСЕЛОНА: ПО ДВА ПОРАЗИ, ВРЕМЕ Е ЗА ПОБЕДНИЧКА РЕАКЦИЈА!
Објавено на: 30.10.2026
Барселона мора брзо да го остави зад себе неуспешниот период и да се врати на победничките патеки. По поразите од Пари Сен Жермен и Реал Мадрид, каталонскиот гигант ќе има можност за поправен испит против Алавес, во саботниот дуел од Ла Лига на „Камп Ноу“.
Тренерот Ханси Флик е свесен дека неговиот тим мора да покаже поинакво лице, а на прес-конференцијата порача дека нема простор за паника, туку за работа и извлекување поуки од последните неуспеси.
„Во име на фудбалерите, стручниот штаб и во мое лично име, сакам да изразам најискрено сочувство до сите погодени од трагичната железничка несреќа во Толедо. Нашите мисли се со семејствата на настраданите. Им ја испраќаме целата поддршка, позитивна енергија и љубов“, истакна германскиот стратег.
Флик потоа се осврна на резултатската криза и поразот од Реал Мадрид, нагласувајќи дека тимот мора да го прифати неуспехот и да извлече позитивни заклучоци.
„Патот е долг и ништо не е неповратно. Никој во клубот не е задоволен од поразот од Реал Мадрид, но мораме да го прифатиме и да научиме нешто од него. Сметам дека имавме шанса за победа и создадовме можности за гол.
Дополнителен проблем се повредите. Надвор од тимот се Жил Кунде, Чави Еспарт, Дани Олмо, Ерик Гарсија и Андреас Кристенсен. Не е едноставно да се функционира со толку многу отсуства, но мораме да најдеме решенија. Против Алавес целта е јасна – да ги освоиме трите бода“, порача Флик.
Барселона сега е пред императив да ја прекине негативната серија и пред домашната публика да покаже дека поразите од ПСЖ и Реал Мадрид нема да остават подолготрајни последици врз амбициите на тимот.