ГОЛМАНОТ КОЈ СТАНА ХИТ НА СП 2026, СЕГА ОСВОИ ТИТУЛА СО ЈУЖНОАМЕРИКАНСКИОТ ГИГАНТ
Објавено на: 09.11.2026
Неверојатни неколку месеци од својата фудбалска кариера живее искусниот голман Возиња. До неодамна, ретко кој имаше слушнато за овој голман, но многу брзо се претвори во светска ѕвезда. На Возиња летово му се исполни сонот да брани на Светско првенство за својата репрезентација Зеленортски острови.
Токму на Мундијалот, Возиња се стекна со светска слава. Уште во првото коло одбрани фантастично против Шпанија во неверојатното реми 0:0. Потоа Зеленортски острови ремизираше 2:2 против Уругвај и 0:0 против Саудиска Арабија и се избори за место во нокаут-фазата. Таму, Возиња и друггарите играа против Аргентина и издржаа 1:1 по 90 минути, а беа елиминирани во дополнителните 30 минути со 3:2.
По Мундијалот, 40-годишниот голман наместо да ја заврши кариерата, доби голем број на понуди, а на крајот реши да прифати да брани за чилеанскиот гигант Коло Коло. Само неколку месеци откако потпиша за Коло Коло, Возиња се радува на титула.

Коло Коло синоќа со 2:1 победи на гости кај Нубленсе и тоа во драматичен финиш. Голот за триумф, гостите го дадоа во 90+3 минута, а потоа Возиња имаше фантастична одбрана во 90+7 минута и ја сочува победата. На три кола до крајот, Коло Коло има недостижни 10 бодови пред најблискиот ривал и тоа беше знак дека шампионското славје за 35-тата титула во првенството може да почне.
„Сакам да им се заблагодарам на сите мои соиграчи, на стручниот штаб, на раководството на клубот и на сите вработени во клубот, кои ме пречекаа толку срдечно уште од првиот ден. Дојдов овде токму поради ова – за да ја освојам титулата. Фала му на Бога, успеавме да дојдеме до овој голем трофеј. Оваа титула е за целото мое семејство, за целиот Зелен ’Рт, за моите соиграчи и за сите навивачи на Коло-Коло.“, задоволно коментираше Возиња по мечот.