Фудбал

ЈАМАЛ: ЈАС ТРЕБА ДА ЈА ОСВОЈАМ „ЗЛАТНАТА ТОПКА“

Ламин Јамал не крие дека има огромни амбиции. Иако има само 18 години, младата ѕвезда на Барселона веќе се гледа во друштво на најголемите фудбалери во историјата и верува дека токму тој ја заслужува „Златната топка“ оваа година.

Шпанскиот репрезентативец смета дека моментално тој и Килијан Мбапе се најдобрите фудбалери на светот, но кога станува збор за престижната индивидуална награда, Јамал нема дилема.

„Мислам дека јас и Мбапе сме најдобрите во светот. Но, верувам дека „Златната топка“ треба да биде моја“, изјави Јамал.

Тинејџерот веќе освои голем број трофеи и постави низа рекорди, но очигледно не планира да застане тука. Напротив, неговата цел е еден ден неговото име да биде неразделно од најголемите легенди на фудбалот.

Јамал посебно ја истакна желбата што поскоро да дојде следниот Мундијал, каде што сака да направи уште поголем чекор кон фудбалската историја.

„За некој друг, настапот на Светското првенство што го имав јас би бил неверојатен. Но, јас не сум задоволен. Сакам следниот Мундијал да дојде што е можно побрзо“, порача тој.

Младиот ас признава дека често го споредуваат со Лионел Меси, Кристијано Роналдо и Диего Марадона, но самиот верува дека неговиот досегашен пат е нешто посебно.

„Меси, Кристијано и Марадона се историски играчи. Но, не мислам дека некој на моја возраст освоил толку многу. Знам дека луѓето можеби мислат дека по сето тоа што го постигнав ќе се опуштам, но јас имам уште илјада работи што сакам да ги направам“, додаде Јамал.