НА ХАКИМИ ЌЕ МУ СЕ СУДИ ЗА СИЛУВАЊЕ ВО ФРАНЦИЈА
Објавено на: 24.09.2026
Ашраф Хакими ќе мора да се соочи со судски процес во Франција по обвинението за силување. Највисокиот суд ја отфрли жалбата на адвокатите на фудбалерот на ПСЖ, со што е потврдена одлуката тој да биде изведен пред Кривичниот суд во О де Сен, во парискиот регион.
Хакими од самиот почеток ги негира обвиненијата, но највисоката судска инстанца во Франција сега стави точка на неговиот обид да го спречи судењето.
Случајот започна во 2023 година, кога 24-годишна жена го обвини мароканскиот репрезентативец дека ја силувал во својот дом во Булоњ-Бијанкур, предградие на Париз. Хакими во текот на целата истрага тврдеше дека меѓу нив имало взаемен контакт и дека сè се случило со согласност.
Одлуката за негово судење првпат беше донесена во февруари, а во јуни минатата година ја потврди и Апелацискиот суд во Версај. Одбраната потоа се обиде да ја оспори одлуката пред Врховниот суд, но жалбата беше одбиена.
Хакими, кој е капитен на Мароко и еден од клучните фудбалери на ПСЖ, претходно изјави дека со нетрпение го очекува судскиот процес бидејќи смета дека таму конечно ќе има можност целосно да се изјасни за случајот.
Одбраната на фудбалерот засега не сака да ја коментира последната одлука. Адвокатката на тужителката, Рашел-Флор Пардо, пак, порача дека нејзината клиентка е решена да продолжи со постапката до самиот крај, со цел да добие правда по повеќе од три години судска битка.
Адвокатот на граѓанската страна, Бертран Перије, оцени дека одлуката на Врховниот суд ја потврдува „цврстината и темелноста“ на аргументите врз кои се темелеле одлуките на претходните судски инстанци.