КЕВИН ДУРЕНТ САКА ДА ОСВОИ И ПЕТТО ОЛИМПИСКО ЗЛАТО
Објавено на: 14.09.2026
Кевин Дурент не планира да запре со настапите за американската репрезентација. Еден од најдобрите кошаркари во историјата сака да биде дел од селекцијата на САД и на Олимписките Игри во Лос Анџелес во 2028 година, иако тогаш ќе има 40 години.
Ѕвездата на Хјустон рокетс неодамна присуствуваше на хуманитарен настан, каде јасно стави до знаење дека настапот на домашниот терен на ЛОИ 2028 е сериозно во неговите планови.
Доколку ја реализира желбата, Дурент ќе има можност да испише уште една историска страница во американската кошарка.
„Едноставно е забавно. Тоа е неверојатен период. Патуваш низ светот. Не знам дали ќе патуваме низ светот со оглед на тоа што Игрите ќе се одржат во САД, но во изминатите години бевме во Дубаи, Абу Даби, Париз, Лондон, Канарските Острови, Мадрид…“, изјави Дурент.
Американецот откри дека токму репрезентативните настапи му донеле искуства кои го промениле не само неговиот однос кон кошарката, туку и кон животот.
„Бев на места кои го променија не само мојот поглед кон играта, туку и кон животот воопшто. Посетив места на кои никогаш не би помислил дека ќе одам доколку не беше кошарката. Тоа е едно од најдобрите искуства. Го охрабрувам секого да игра за својата земја“, додаде тој.
Дурент досега настапи на последните четири Летни олимпијади – во Лондон, Рио де Жанеиро, Токио и Париз, и на секоја од нив освои златен медал.
Со четири олимписки злата, тој веќе е рекордер меѓу кошаркарите. Доколку биде дел од тимот на САД во Лос Анџелес и стигне до уште една титула, Дурент ќе стане петкратен олимписки шампион.
На тој начин, на 40-годишна возраст би можел да го направи она што досега не му успеало на ниту еден кошаркар – да освои пет олимписки злата.