Фудбал

ДЕКО САКАШЕ ДА ПОМОГНЕ, НО ГО „ДОТОЛЧИ“ АЛВАРЕЗ

Сагата околу Хулијан Алварез и потенцијалниот трансфер од Атлетико Мадрид во Барселона заврши без реализација, но приказната и понатаму не стивнува во Шпанија.

Десетина дена по затворањето на преодниот рок, спортскиот директор на Барселона, Деко, проговори за интересот на каталонскиот гигант и ги отфрли тврдењата дека клубот вршел притисок врз аргентинскиот напаѓач да побара заминување од Мадрид.

„Не вршевме притисок врз Хулијан Алварез јавно да изрази желба за заминување. Тоа беше негова сопствена одлука“, изјави Деко.

Тој откри и дека Барселона навистина испратила официјална понуда до Атлетико, но од мадридскиот клуб никогаш не добила конкретен одговор.

„Сè направивме како што треба. Испративме официјална и коректна понуда, но не добивме одговор од Атлетико. Тие секогаш ни велeа дека не сакаат да го продадат, а ние не сакавме постојано да го повторуваме истото прашање“, објасни Деко.

Токму изјавата на Алварез која се појави во јавноста во текот на летото предизвика големи реакции кај навивачите на Атлетико. Аргентинецот, одговарајќи на прашање за својата иднина, зборуваше за желбата да направи трансфер и да го оствари својот сон.

„Разговарав со луѓето во клубот. Мислам дека трансферот е најдобар за сите. Сакам да го остварам својот сон“, изјави тогаш Алварез.

Иако напаѓачот никаде директно не ја спомна Барселона, дел од шпанските медиуми веднаш почнаа да ја поврзуваат неговата изјава со каталонскиот клуб.

Тоа предизвика бура во Мадрид. Навивачите на Атлетико ја дочекаа изјавата со големо незадоволство, а Алварез и покрај тоа што остана член на клубот, сè уште го чувствува притисокот од трибините.

Сега, по откритието на Деко дека Барселона навистина испратила понуда до Атлетико, целата приказна добива нова димензија. Наместо да ја смири ситуацијата, изјавата на спортскиот директор на каталонскиот клуб може дополнително да ја влоши позицијата на Алварез кај навивачите на Атлетико.