Фудбал

БЕШЕ ХИТ НА МУНДИЈАЛОТ, А СЕГА МОЖЕ ДА ГО ИЗБРКААТ ОД КЛУБОТ

Енди Ворхол одамна ја изрече познатата реченица дека секој човек во иднината ќе има свои 15 минути слава. Малкумина ја почувствувале таа вистина толку брзо и сурово како 40-годишниот голман на Зеленортските Острови, Возиња.

До пред само неколку месеци неговото име беше едно од најпознатите во светскиот фудбал. Денес, пак, искусниот голман се соочува со опасност да остане без клуб, само неколку недели откако стана планетарна сензација.

Приказната на Возиња на Светското првенство во САД, Канада и Мексико изгледаше како вистинска спортска бајка. На Мундијалот пристигна како слободен агент, откако му истече договорот со португалски Чавес, но на голот на Зеленортските Острови блесна во полн сјај.

На четири натпревари забележа дури 18 одбрани, а посебно се истакна во историското реми без голови против Шпанија. На тој меч запре дури седум големи шанси, беше прогласен за играч на натпреварот и го привлече вниманието на целиот фудбалски свет.

Популарноста му експлодираше преку ноќ. Неговиот профил на Инстаграм од околу 50.000 следбеници скокна на речиси 30 милиони. Како круна на неверојатната приказна дојде и номинацијата за наградата „Лав Јашин“ за најдобар голман во 2026 година, во рамките на изборот за „Златната топка“.

Но, бајката траеше кратко.

Само неколку недели подоцна, Возиња се најде во сосема поинаква ситуација.

Чилеанскиот гигант Коло Коло го претстави како големо засилување и приреди спектакуларен пречек. Трансферот, сепак, во еден момент беше пред пропаст, бидејќи голманот добил исклучително богата понуда од марокански Беркане, клуб во кој во меѓувреме пристигнал и неговиот селектор Бубиста.

Возиња на крајот сепак се пресели во Чиле, но работите многу брзо тргнаа во спротивна насока.

По две воведни средби на кои не прими гол, следуваа два големи кикса кои за кратко време станаа хит на социјалните мрежи.

Првиот се случи на натпреварот против Консепсион, кој заврши 1-1. При еден корнер, Возинја истрча во празно и целосно ја промаши топката, по што Норман Родригес без проблеми ја затресе мрежата со глава.

Уште поголем кикс следуваше на почетокот од квалификациите за Африканскиот куп на нации. При водство на Мали од 2-1, Возиња излета далеку од својот шеснаесетник со намера да пресече долга топка. Наместо тоа, целосно ја промаши топката и му овозможи на Доргелес Нене да погоди во празната мрежа за конечни 3-1.

Шпанскиот весник „АС“ ја опиша ситуацијата како голема грешка и тежок удар за голманот кој до неодамна беше во центарот на вниманието поради своите одбрани на Мундијалот.

Сега неговата позиција во Коло Коло е сериозно разнишана.

Клубот и стручниот штаб предводен од Фернандо Ортис наводно почнале да го губат трпението, а дополнителен проблем претставува и посебна клаузула во неговиот договор.

Според неа, доколку Возиња до крајот на годината не одигра најмалку 50 отсто од натпреварите кои ќе му бидат достапни, Коло Коло има право еднострано да го раскине договорот без финансиски надомест.

Така, за само неколку недели, Возиња помина неверојатен пат – од голман без клуб, преку најголемата сензација на Светското првенство и кандидат за наградата „Лав Јашин“, до фудбалер чие место во клубот е сериозно загрозено.

Фудбалот понекогаш навистина покажува колку брзо може да се промени сè. Во случајот на Возиња, тие 15 минути слава траеја кратко, но доволно за неговата приказна да стане една од најнеобичните во годината.