Фудбал

БАРСА САКА ДА МУ ПРИРЕДИ СПЕКТАКУЛАРНО ПРОСТУВАЊЕ НА МЕСИ НА „КАМП НОУ“

Барселона не се откажува од идејата Лионел Меси да добие спектакуларен испраќај пред своите навивачи, а претседателот Жоан Лапорта откри дека клубот веќе разговарал со аргентинската суперѕвезда за реализација на оваа идеја.

На Генералното собрание на делегатите на Барселона, Лапорта потврди дека планот е Меси да се врати на „Камп Ноу“ откако целосно ќе завршат работите на реконструираниот стадион. Идејата е церемонијата да се одржи пред речиси 105.000 навивачи, со што Аргентинецот конечно би добил испраќање какво што не можеше да има при заминувањето во 2021 година.

„Му кажавме на Меси дека сакаме да организираме испраќање за него, откако стадионот ќе биде завршен, пред речиси 105.000 навивачи“, изјави Лапорта.

Сепак, конечната одлука нема да биде на Барселона. Лапорта нагласи дека Меси ќе има последниот збор околу тоа дали ќе прифати да се врати на стадионот на кој испиша историја.

„Ќе го организираме испраќањето кога стадионот ќе биде завршен, секако доколку тој го сака тоа. Луѓето го чекаат, но на крајот тој одлучува“, додаде претседателот на каталонскиот гигант.

Лапорта откри и дека во минатото постоела можност Меси повторно да заигра за Барселона, но таа опција не се реализирала.

Меси ја напушти Барселона во 2021 година, во период кога клубот се соочуваше со сериозни финансиски проблеми. Неговото заминување не беше проследено со голем испраќај пред навивачите, па токму затоа Барселона сега сака да му овозможи можност за вистинско збогување.