КАДЕ „ПУКНА ТИКВАТА“ ПОМЕЃУ ИБРАХИМОВИЌ И ЧАЛХАНОГЛУ?
Објавено на: 23.06.2022
Златан Ибрахимовиќ и Хакан Чалханоглу беа многу добри пријатели додека ги делеа истите бои на дресот, но откако Турчинот го замени Милан со најлутиот градски ривал, односите меѓу двајцата повеќе не беа на исто ниво.
Ибра и Чалханоглу беа соиграчи година и половина во Милан, а нивното пријателство често го прикажуваа на социјалните мрежи, возејќи мотори и уживајќи во миланските ресторани. Но турскиот репрезентативец претходното лето на слободен трансфер го замени Милан со Интер.
Ибра е вистински лидер на теренот, но и надвор од него. Тој е многу добра личност пред се, а јас имам многу добар пријателски однос со него
Изјави Чалханоглу пред да го напушти Милан.
Сепак, според многу блиски извори до двајцата, односот помеѓу двајцата се нарушил откако Чалханоглу решил да остане во Милано, но во црно-синиот дел. Тоа според италијанские медиуми, многу го повредило Ибрахимовиќ и дури го сфатил потегот како личен напад кон него.
Минатата година, по трансферот на Чалханоглу во Интер, Ибрахимовиќ во неговата биографија напиша:
Мораме да му се заблагодариме за се што направи за Милан. Можеби звучи лошо, но тој ја искористи лошата ситуација која ја доживеа Интер со Ериксен и премина таму, иако пред тоа немаше никаков контакт помеѓу него и управата на нероаѕурите, ниту со било кој друг клуб.
По оваа изјава, Чалханоглу не возврати ништо на зборовите на Ибра, а Швеѓанецот не заборави на „предавството“, па така на прославата на титулата на Милан испраќаше невкусни пораки, терајќи ги фановите на росонерите да пеат навредливи песни за него и неговото семејство.
Речиси месец дена подоцна, Турчинот возврати во интервју за италијанските медиуми вчера, во кое го омаловажи учинокот на Ибрахимовиќ во Скудетото на Милан.
Тој има 40 години, нема 18 и јас не би го направил тоа што тој го направи. Едноставно, тој сака да биде во центарот на вниманието, па затоа ме спомна и во неговата книга, бидејќи без мене, страниците ќе беа празни. Не би коментирал повеќе, но би додал дека тој е оној кој секогаш ми се јавува, ме кани да возиме мотори или да одиме на вечера.
Овие зборови на играчот на Интер одекнаа силно во медиумите во Италија вчера, предизвикувајќи бура од реакции на социјалните медиуми. Денес, според новинарите кои се добро упатени во кулоарите на нероаѕурите, тимот се подготвува парично да го казни Турчинот поради ова интервју, кое освен што не било договорено со ПР тимот на Интер, туку и се коси со политиките на клубот.
Едно е сигурно, дербито помеѓу Интер и Милан наредна сезона нема да остане само на битката на 90 минути на теренот.