Тенис

ФЕДЕРЕР НАЈАВИ ВРАЌАЊЕ НА ТЕРЕНИТЕ

Освојувачот на 20 Гренд слеми и еден од најголемите играчи на тениската игра најави дека е подготвен за неговиот можеби финален камбек.

Швајцарецот е надвор од акција од претходниот Јули, откако по трет пат мораше да го оперира десното колено кога на Вимблдон беше елиминиран во четвртфиналето од Хуркаш.

Иако Роџер ќе наполни 41 година овој Август, неговата желба за натпреварување со најдобрите и понатаму е присутна и како што вели тој, подготвен е да даде се од себе.

Ја чекам последната потврда од докторите дека можам да се натпреварувам повторно. Се чувствувам како коњ за тркање, кој гребе со ногата по земјата подготвен да истрча на трката. Очекувам да можам повторно да играм ова лето, по напорните тренинзи од кои се чувствувам исцрпен.

Запрашан кои се неговите дневни рутини во процесот на рехабилитација, Федерер откри дека голем дел од неговите тренинзи се извршуваат без рекет и топче.

Како и при развивање на модел на автомобил, потребно е многу време за да се стигне до посакуваното ниво. Така е и во спортот и во мојот случај со човечкото тело. Започнувам со бандажирање и истегнување, речиси 45 минути и потоа почнуваме со вистинскиот тренинг. Пред се работиме на работа со нозе и колената, користејќи ластици и ленти, а потоа започнувам со вежби за брзина и експлозивност. Речиси 2 и пол часа пред да почнам да играм со рекет и топче, се загревам и го подготвувам моето тело.

Иако Швајцарецот директно не сакаше да открие кога би започнал со натпреварување, многу медиуми шпекулираат дека најдоцна што би можеле да го видиме е на Вимблдон каде што ќе се обиде повторно да го освои. Сепак, не се исклучува ниту негов настап на мастерсот во Хале на трева.