Фудбал

ДИБАЛА И ЛУКАКУ ЌЕ ГО ПРЕДВОДАТ ИНТЕР НАРЕДНА СЕЗОНА?

Нероаѕурите прават се што е во нивна можност да ги спојат Дибала и Лукаку наредна сезона во нападот на Интер со кој ќе претендираат на сите фронтови во кои ќе настапуваат.

Според Газета дело спорт, директорите на Интер повеќе не ја отфрлаат можноста за враќање на белгискиот интернационалец на Сан Сиро, откако неколку пати напаѓачот барал можност да се врати во Интер. Несогласувањата кои ги има со Томас Тухел се мотив плус за Лукаку да се врати „дома“, како што самиот го нарече Интер во интервјуто кое одекна во јавноста како бомба пред Нова година.

Од друга страна ситуацијата со Паоло Дибала е многу почиста, откако Јувентус му стави до знаење на Аргентинецот дека на лето нема да му го продолжи договорот. Десетката на бјанконерите бара нов клуб, а покрај Интер, во игра се и Њукасл, Арсенал, Милан и Атлетико Мадрид.

Нероаѕурите се надеваат на добрите односи на нивниот извршен директор со играчот и неговиот агент, откако Бепе Марота го донесе токму во Јувентус пред 7 сезони од Палермо за тогаш рекордните 40 милиони евра. Сепак, Кориере дело спорт најавува дека покрај нероаѕурите, заинтересирани за неговиот ангажман се и премиерлигашите Њукасл и Арсенал кои бараат засилувања во своите навални линии, но од втор план би можел да изненади и Милан, иако до сега нема никакви контакти помеѓу миланезите и играчот. Сепак и тие имаат тешка математика, бидејќи во нападот во моментов ги имаат Лаутаро Мартинез, Един Џеко, Алексис Санчез и Хоакин Кореа. Италијанските медиуми веќе го отпишаа Алексис Санчез кој ќе добие раскин на договорот поради големата плата која ја зема, а најавуваат и можна преселба на Лаутаро во Лондон, за кого заинтересирани се Тотенхем и Арсенал.

Опција за Дибала е и Шпанија и Мадрид, односно Атлетико предводени од неговиот сонародник Диего Симеоне, кој се повеќе „влече“ аргентински играчи во својот тим. За потсетување, летово беше донесен Родриго Де Пол од Удинезе.

Инаку, Дибала и Лукаку во 2019 беа блиску до заеднички настап тогаш во Манчестер Јунајтед, но преговорите за ангажман на Аргентинецот пропаднаа откако тој истакна дека не сака да си замине од Торино.