Фудбал

СЕНЕГАЛ И ОФИЦИЈАЛНО Е ШАМПИОН НА АФРИКА!

Сенегал повторно е прогласен за шампион на Африка, откако Спортскиот арбитражен суд (ЦАС) во Лозана ја прифати жалбата на фудбалската федерација на оваа земја и ја поништи одлуката на Африканската фудбалска конфедерација (ЦАФ), со која Мароко беше прогласен за победник.

Со тоа заврши повеќемесечната правна битка по контроверзното финале одиграно на 18 јануари во Рабат. Сенегал го врати трофејот што го освои на теренот, а потоа му беше одземен со административна одлука.

Финалето заврши со голема тензија. При резултат 0:0, судијата прво му поништи гол на Сенегал, а потоа по преглед на ВАР досуди пенал за Мароко. Незадоволен од одлуката, селекторот на Сенегал ги повика своите фудбалери да го напуштат теренот. По околу 15 минути прекин, Садио Мане успеа да ги убеди соиграчите да се вратат и натпреварот продолжи. Брахим Дијаз не го реализираше пеналот, а Сенегал подоцна славеше во продолжението.

Дисциплинската комисија на ЦАФ првично ги казни двете репрезентации, но по жалба на Мароко, на 17 март одлучи натпреварот да го регистрира со службени 3:0 за мароканската селекција, повикувајќи се на правилата за напуштање на теренот.

Сенегалската федерација ја обжали одлуката пред ЦАС, а клучен аргумент беше дека судијата не го прекинал трајно натпреварот и дозволил тој да продолжи до крајот.