АМОРИМ ЈА НАЈДЕ ПРИЧИНАТА ЗА ПОРАЗОТ ОД БОЛОЊА ВО ГУСТИОТ РАСПОРЕД
Објавено на: 29.10.2026
Интер со 2:0 славеше на гости кај Венеција, а Милан дома загуби од Болоња со убедливи 2:4, во деветото коло од Серија А, па расположението кај двата милански гиганти во пресрет на големото дерби кое ќе се игра викендов е сосема различно.
Тренерот на Милан, Рубен Аморим, призна дека неговиот тим изгледал целосно физички исцрпен уште од самиот почеток на натпреварот, па неизбежно било Росонерите да го претрпат првиот пораз сезонава во Серија А.
„Премногу натпревари и премногу отсутни играчи. Ни беше исклучително тешко. Уште од првата минута почувствував дека тимот е уморен и дека му недостасува енергија. Примивме голови на почетокот. Потоа се обидовме да возвратиме и имавме одлична шанса преку Камарда, но овој згуснат распоред остави сериозни последици врз нас. Мораме да се соочиме со реалноста. Сè уште не знам со каков состав ќе располагам за натпреварот против Интер. Утре ќе ја процениме состојбата на играчите, а потоа ќе имаме два дена за подготовка. Загрижени сме за ситуацијата, но целосно сме фокусирани на играчите кои ни се на располагање“, беше реакцијата на Аморим веднаш по поразот од Болоња.
За разлика од Милан, во Интер расположението е поинакво во пресрет на дербито. Нераѕурите се на врвот на табелата со осум победи и само едно реми без пораз. Интер го има најдобриот напад во лигата. Иако неговиот тим игра речиси перфектно во прбвенството, тренерот на Интер, Кристијан Киву имаше критики за фудбалерите посебно за тоа како го одиграле првото полувреме против Венеција.
„Ни недостасуваше свежина, а во одредени моменти бевме премногу бавни во нашите потези. Бевме донекаде изненадени од нивната длабока одбранбена линија, иако очекувавме таков пристап. Движењето на топката ни беше бавно, но такви работи се случуваат кога сте принудени да излегувате на терен на секои три дена. Овојпат навистина имавме среќа што освоивме три бода. Не сум сигурен дали само тоа е најважно – битно е што останавме фокусирани и верувавме до самиот крај – но среќата дефинитивно беше на наша страна. Во текот на една сезона секогаш има два или три натпревари како овој, каде што тимот влегува во играта без доволно самодоверба“, рече тренерот на Интер.