Фудбал

РАФИЊА ЌЕ ПОТПИШЕ НОВ ДОГОВОР: „САКАМ ТУКА ДА ЈА ЗАВРШАМ КАРИЕРАТА“

Крилото на Барселона, Рафиња, најави дека сака да го продолжи договорот со каталонскиот клуб.

Спортскиот директор Деко неодамна изјави дека двете страни имаат желба да потпишат нов договор, а Бразилецот сега го потврди тоа.

„Да, планирам да го направам тоа. Кога го потпишав договорот до 2028 година, мислев дека тогаш ќе имам 30 или 31 година и не знаев во каква форма ќе бидам. Но, според начинот на кој ја започнав оваа сезона, чувствувам дека имам уште неколку години пред себе.

Би бил многу среќен да го продолжам договорот и се надевам дека ќе можам да ја завршам кариерата овде, без да преминувам во други клубови“, изјави Рафиња.

29-годишниот Бразилец сезонава има девет гола и три асистенции на шест натпревари во Ла Лига.

Рафиња е член на Барселона од 2022 година.