Фудбал

РОДРИ СО ГОЛЕМ ПОТЕГ, ЛИЧНО ИМ СЕ ИЗВИНИЛ НА ФУДБАЛЕРИТЕ НА ВАЛЕНСИЈА

Една реченица изговорена во жарот на натпреварот предизвика бура во Шпанија, но Родри реши самиот да стави точка на целата приказна.

Ѕвездата на Барселона се најде во центарот на вниманието откако во јавноста се појави снимка од негов разговор со Пау Кубарси за време на убедливата победа од 0-5 против Валенсија.

„Слаби се. Овие момци навистина се слаби. Во второто полувреме не ја поминаа ни централната линија. Навистина се очајни“, му рекол Родри на својот соиграч.

Изјавата предизвика бројни реакции, а шпанската јавност жестоко го критикуваше фудбалерот поради односот кон противникот.

Сепак, Родри не се обиде да ја избегне одговорноста. Напротив, реши лично да контактира со неколку фудбалери на Валенсија и да им се извини за своите зборови.

Според новинарот Начо Санчис, Родри не испратил извинување преку Барселона, ниту преку посредници, туку самиот им се јавил на играчите.

„Родри денеска им се извини на фудбалерите на Валенсија. Не го направи тоа преку Барселона или преку посредник, туку лично. Тоа се вика чест“, објави Санчис.

Со овој потег, Родри покажа дека сфатил оти неговите зборови ја преминале границата, без оглед на тоа што на теренот Барселона навистина доминирала и убедливо славела.

Големите натпревари носат огромни емоции, провокации и напнатост, но вистинскиот карактер често се покажува дури откако ќе заврши натпреварот.

Во случајот со Родри, токму реакцијата по случувањата на теренот испрати можеби поважна порака од самата контроверзна изјава.