Фудбал

ШОК ОД АНГЛИЈА: КАПИТЕНОТ НА ЈУНАЈТЕД МОЖЕ ДА ЗАВРШИ ВО ТУРЦИЈА

Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, би можел да биде едно од најголемите имиња што ќе ја засилат турската Суперлига ова лето.

Според турскиот новинар Јагиз Сабунџуоглу, португалскиот репрезентативец е подготвен да ја разгледа понудата од Галатасарај и е отворен за преселба во Истанбул.

Сепак, останува нејасно дали турскиот шампион ќе биде подготвен да ја плати сумата што ја бара Манчестер Јунајтед. Наводно, англискиот клуб бара околу 64 милиони фунти за својот капитен.

Фернандеш има договор до следното лето, а Јунајтед поседува опција за автоматско продолжување на соработката за уште една сезона. Иако засега нема преговори за нов договор, ситуацијата може да се промени во текот на сезоната.

Галатасарај активно бара офанзивен играч за врска. Освен Бруно, на листата на желби се и Брахим Дијаз од Реал Мадрид, Џан Узун од Ајнтрахт Франкфурт, а во англиските медиуми се споменува и можност за позајмица на Фил Фоден од Манчестер Сити.

И покрај шпекулациите, самиот Фернандеш неодамна порача дека сака повторно да го врати Манчестер Јунајтед во самиот врв на англискиот и европскиот фудбал.

Секој што доаѓа во Манчестер Јунајтед знае дека има обврска да победува. Верувам дека можеме да бидеме генерацијата што ќе ја промени историјата и повторно ќе го направи клубот конкурентен на сите фронтови“, изјави португалскиот капитен.