Фудбал

НОВА КОНТРОВЕРЗА НА СП: ФИФА ТВРДИ ДЕКА НЕМА ДОПИР, ИАКО СИТЕ ВИДОА СПРОТИВНО!

Нов судиски скандал го одбележа четвртфиналето на Светското првенство меѓу Англија и Норвешка.

Англичаните израмнија на 1:1 во судиското продолжение од првото полувреме по одличната акција на Ентони Гордон и прецизната завршница на Џуд Белингам, но Норвежаните веднаш протестираа дека голот воопшто не требало да биде признаен.

Причината беше почетокот на акцијата. По гол-аутот на норвешкиот голман, топката во лет, според снимките, удрила во кабелот на „spider-cam“ камерата која се движи над теренот, а потоа се одбила токму до англиски фудбалер, од каде започнала акцијата за гол.

Според Правилата на фудбалската игра, доколку топката во игра допре надворешен предмет, судијата треба веднаш да ја прекине играта и натпреварот да продолжи со судиско потфрлање.

Сепак, главниот судија не реагираше, а за време на натпреварот се огласи и ФИФА.

Од светската куќа на фудбалот соопштија дека сензорот во топката не регистрирал никаков контакт со „непознат објект“, поради што голот бил признат како регуларен.

Објаснувањето дополнително ги разгневи норвешките навивачи и дел од фудбалската јавност, кои сметаат дека снимките јасно покажуваат дека топката го допира кабелот на камерата.

Контроверзата уште еднаш отвори прашања околу примената на технологијата на Светското првенство и улогата на ФИФА во спорните судиски одлуки.