Тенис

НЕ Е САМО „СИН НА БОГАТАШ“: ФЕРИ Е НАЈГОЛЕМАТА ПРИКАЗНА НА ВИМБЛДОН

Артур Фери е најголемото изненадување на овогодинешниот Вимблдон. Британецот, кој настапуваше со специјална покана од организаторот, се пласираше во полуфиналето по убедливата победа над Флавио Коболи со 6:4, 7:6, 6:0 и стана една од главните приказни на турнирот.

24-годишниот тенисер пристигна во Лондон како 114. тенисер на АТП-листата, без големи очекувања, а сега го дели само еден чекор од големото финале. Во полуфиналето ќе се соочи со Александар Зверев.

Но, приказната за Фери не е типична приказна за аутсајдер. Неговиот татко, Лоик Фери, е еден од најпознатите француски бизнисмени, основач на инвестициската компанија Chenavari и претседател на францускиот фудбалски клуб Лориен. Неговото богатство се проценува на околу 320 милиони евра.

Сепак, Артур јасно покажа дека успехот на Вимблдон не може да се купи. До полуфиналето ги елиминираше Дамир Џумхур, Ото Виртанен, Зизу Бергс, Григор Димитров и Флавио Коболи, а особено внимание привлече победата над Димитров во пет сета.

Интересно е што Фери израснал буквално покрај Вимблдон. Роден е во Франција, но детството го минал во Лондон, недалеку од комплексот All England Club, каде што посетувал училиште, пред подоцна да студира на престижниот универзитет Стенфорд во САД.

Тенисот му е и семејна традиција. Неговата мајка Оливија Фери била професионална тенисерка и настапувала на Ролан Гарос, додека татко му е добро познато име во европскиот фудбал.

Со висина од само 175 сантиметри, Фери не се вклопува во профилот на денешните најмоќни тенисери, но тоа го надоместува со брзина, чувство за игра и огромна самодоверба.

Дополнително, тој стана само втор тенисер во Опен ерата кој со вајлд-карта успеал да стигне до полуфиналето на Вимблдон. Првиот беше Горан Иванишевиќ во 2001 година, сезона во која на крајот и го освои најпрестижниот тениски турнир во светот.