Тенис

КОСТЈУК: САКАМ ДА ЈА ПОБЕДАМ СЕКОЈА РУСИНКА НА ОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ

Украинската тенисерка Марта Костјук жестоко ја критикуваше одлуката на Меѓународниот олимписки комитет привремено да им дозволи на руските спортисти повторно да настапуваат на Олимписките игри и покрај тоа што војната во Украина сè уште трае.

Костјук, која се пласираше во своето прво полуфинале на Вимблдон со убедлива победа над финалистката од минатата година, Жасмин Паолини, не го криеше разочарувањето од одлуката.

Тоа е страшно. Мислам дека е многу далеку од фер-плеј, не само кон Украина, туку и кон сите земји што се засегнати. Не мислам дека нешто ќе се промени. Единствено што сакам е да излезам на терен и да ја победам секоја Русинка против која ќе играм на Олимписките игри.

Украинката откри дека повторно ќе го отвори ова прашање и пред Меѓународната тениска федерација.

Нејзините зборови доаѓаат само неколку недели откако на Ролан Гарос покажа фотографии од куќата на своите родители во Киев, која беше оштетена при руски ракетен напад.

Не е лесно целосно да се исклучиш од тоа што се случува. Минатата недела беше многу тешка. Потоа повторно беа погодени неколку улици со станбени згради, само неколку километри од домот на моите родители. Загинаа невини луѓе и деца. Секој ден е различен и се обидувам да се справам со тоа најдобро што можам.

Украинската тенисерка ќе се обиде да избори и историско финале на Вимблдон, каде во полуфиналето ќе игра против Чехинката Линда Носкова.