Фудбал

КАВГА ПОМЕЃУ ОЛМО И ЈАМАЛ ЗА БРОЈОТ 10 ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Шпанските медиуми последните денови пишуваат за наводна расправија и тензија во репрезентацијата околу дресот со број 10, а во центарот на вниманието се најдоа соиграчите од Барселона, Дани Олмо и Ламин Јамал.

Според информациите, во репрезентацијата се водела вистинска битка околу тоа кој ќе ја носи култната „десетка“ на Светското првенство. Дел од јавноста и луѓе блиски до репрезентацијата сметале дека бројот треба да му припадне на Јамал, кој веќе го носи во Барселона, но Олмо немал намера да се откаже од него.

Наводно имало притисоци, несогласувања и покачени тонови, по што конечната одлука ја донел селекторот Луис де ла Фуенте. Тој пресекол дека бројот 10 останува кај Олмо, додека Јамал на Светското првенство ќе настапува со бројот 19.

По бројните шпекулации, Олмо јавно се огласи и ги демантираше приказните за конфликт во соблекувалната.

Нема никаков проблем зад затворени врати, нема драма околу бројот 10. Тоа се само гласини што доаѓаат однадвор.

Фудбалерот на Барселона потоа објасни и зошто не размислувал да се откаже од бројот.

Тоа е бројот што веќе го носев, бројот со кој го освоивме Европското првенство. Ми се допаѓа и не гледам причина да го менувам кога работите одат добро.

Така, и покрај сите шпекулации, Шпанија ќе настапи на Светското првенство со Олмо како сопственик на „десетката“, додека Јамал ќе го задржи бројот 19.