Фудбал

ГОЛЕМА ПРОМЕНА ЗА СП 2026: ТРЕНЕРИТЕ ГО ГУБАТ ОВОЈ ТРИК

ФИФА подготвува сериозни промени за Светското првенство 2026 и една од најинтересните мерки директно ќе погоди трик што тренерите сè почесто го користеа во последните години, таканаречените голмански тактички тајм-аути.

Станува збор за ситуации во кои голманот ќе седне или ќе легне на тревникот и ќе побара лекарска помош, а прекинот потоа целата екипа го користи како импровизиран состанок покрај аут-линијата за да добие нови инструкции од стручниот штаб. По кратката пауза, голманот најчесто продолжуваше без поголеми проблеми.

Но на Светското првенство 2026 такви сцени повеќе нема да се толерираат.

Претседателот на судиската комисија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, потврди дека сите репрезентации веќе се информирани за новите насоки. Според правилата, додека на голманот му се укажува помош, останатите играчи нема да смеат да го напуштаат теренот и да се движат кон техничкиот простор или клупата. Наместо тоа, ќе мора да останат на теренот, со што ФИФА сака да спречи повредите да се претвораат во неформални тактички паузи.

Голманот има право да биде повреден, но остатокот од тимот нема право тоа да го користи како тајм-аут.

Но ова е само дел од поширок пакет промени што ќе го обележат првото Светско првенство со 48 репрезентации, кое ќе се игра во САД, Канада и Мексико.

Големи измени добива и ВАР системот. Видео-судиите ќе имаат пошироки овластувања и ќе можат да проверуваат прекршоци што се случиле уште пред топката да биде во игра на пример при корнери и слободни удари, кога често има влечења, блокови и туркања во шеснаесетникот. Ако таквиот контакт директно влијае на гол, пенал или дисциплинска одлука, ВАР ќе може да интервенира.

Новина е и можноста за проверка на втор жолт картон. Досега ВАР немаше право да интервенира кај жолти картони, дури ни кога вториот значеше исклучување. Според новите правила, во одредени ситуации ќе може да се разгледува и таква одлука.

ФИФА отвора и фронт против одолговлекувањето. Кај аутите и гол-аутите судиите ќе можат визуелно да одбројуваат пет секунди ако проценат дека играчот намерно ја забавува играта. Ако аутот не се изведе навреме, топката ќе оди кај противникот, а во случај на одолговлекување со гол-аут, противничкиот тим би можел да добие и корнер.

Промени има и кај замените. Играчот што излегува ќе мора да го напушти теренот за најмногу десет секунди и тоа преку најблиската линија. Ако не го стори тоа, неговата екипа привремено може да остане со играч помалку.

Дополнително, играчите на кои им се укажува лекарска помош, освен во одредени исклучоци, ќе мора да останат надвор од теренот најмалку една минута пред враќање во игра.

ФИФА најавува и построг пристап кон играчите кои во конфронтации ја покриваат устата со рака, бидејќи тоа често го отежнува утврдувањето на евентуално навредливо или недозволено однесување.

Пораката е јасна: Светското првенство 2026 треба да донесе побрз фудбал, помалку „паметни“ прекини и помалку манипулации со времето. Останува да се види дали новите правила навистина ќе го променат ритамот на играта или тренерите ќе најдат нови начини да ги надмудрат.