МИОВСКИ И ТРАЈКОВСКИ ЗАМИНАА ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Објавено на: 28.03.2026
Македонската фудбалска репрезентација ги финишира подготовките пред новиот предизвик, гостувањето во Даблин против Република Ирска на 31 март. Тренинзите се одвиваат во тренинг центарот Петар Милошевски, каде селекторот Гоце Седлоски се обидува да го состави најдобриот можен тим, и покрај неколкуте проблеми со кои се соочува.
Во пресрет на натпреварот, атмосферата во тимот е мешавина од фокус и тензии, особено по одредени одлуки од дуелот со Данска кои отворија реакции кај дел од репрезентативците.
Денес, од тренинг кампот си заминаа Бојан Миовски и Александар Трајковски, кои нема да бидат во комбинација за настап против Северна Ирска. Бојан Миовски, по барање на Глазгов Ренџерс и на сопствено барање, ја напушти репрезентацијата и нема да биде на располагање за овој натпревар. Талисманот од Палермо исто така нема да биде во комбинација, бидејќи побарал да го напушти тренинг кампот поради несогласувањето со селекторот околу неговата одлука да го остави на клупа против Данска.
Дополнителна компликација донесоа и барањата од клубовите. Енис Барди и Исник Алими добија повик од своите клубови: Коњаспор и Далиан, односно да бидат ослободени од репрезентативните обврски. Сепак, двајцата фудбалери донесоа јасна одлука: остануваат со Македонија и ќе бидат во комбинација за настап во Даблин.
Проблемите за стручниот штаб тука не завршуваат. Јани Атанасов заработи повреда на адукторот и по направените медицински прегледи е потврдено дека нема да може да настапи во Даблин, што претставува сериозен удар за средниот ред.
Селекторот Седлоски се осврна и на ситуациите со Александар Трајковски и Миовски, нагласувајќи дека сите одлуки се донесени исклучиво врз основа на форма и тактички потреби.
Александар Трајковски не беше задоволен што не започна, но сметам дека во овој момент физички не е на нивото потребно за ваков натпревар. Планот беше да добие шанса во завршницата ако има потреба, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден. Слично беше и со Бојан Миовски. Мора да се прифати дека имаме 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав.