ДАНСКА БЕЗ ПРВИТЕ ГОЛМАНИ И ОДБРАНАТА ПРОТИВ МАКЕДОНИЈА
Објавено на: 24.03.2026
Македонската фудбалска репрезентација утре патува за Копенхаген, каде што ја очекува еден од најважните натпревари во последните години, полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство против Данска.
Иако Данците важат за фаворити на хартија и ќе имаат силна поддршка од трибините на распродадениот Паркен, ситуацијата во нивниот табор не е идеална. Напротив, селекторот Брајан Ример се соочува со сериозни проблеми, особено во одбраната и на голманската позиција.
На голот, Данска ќе мора да се потпре на Мадс Хермансен, кој вообичаено е трет избор. Искусниот Каспер Шмајхел е надвор од комбинација поради сериозна повреда на рамото и го очекува операција, додека Филип Јоргенсен исто така отпадна поради повреда. Тоа значи дека Данците ќе влезат во овој клучен меч со резервно решение меѓу стативите.
Но, вистинскиот удар за нив доаѓа во срцето на одбраната.
Данска ќе биде без тројцата најстандардни стопери: Андреас Кристенсен, Јоаким Андерсен и Јаник Вестергард. Сите тројца се надвор поради повреди, што го принудува Ример да импровизира во најчувствителниот дел од тимот.
Според најавите, во центарот на одбраната ќе се најде Оливер Простгард, кој ќе дебитира во ваков важен натпревар, додека покрај него најверојатно ќе игра и играч за врска, Кристијан Норгард. Тој веќе има искуство на оваа позиција, но исклучиво како принудно решение, што дополнително ја отвора дилемата околу стабилноста на данската одбрана.
Проблемите не завршуваат тука. Под знак прашалник е и настапот на Микел Дамсгард, еден од клучните играчи во средниот ред, за кого лекарскиот тим прави напори да го оспособи навреме.
Сето ова покажува дека Данска, и покрај статусот на фаворит, влегува во мечот со сериозни слабости. Од друга страна, Македонија добива причина за дополнителен оптимизам.