Фудбал

РЕАЛ МУ ЧУВАШЕ МЕСТО НА МУРИЊО ВО ЛОЖАТА, НО ТОЈ ГИ ОДБРАЛ ТИМСКИОТ АВТОБУС

Реал Мадрид си ја заврши работата без многу драма. По минималната победа од 1-0 во Лисабон, кралскиот клуб славеше и во реваншот против Бенфика со 2:1 и обезбеди пласман во осминафиналето од Лигата на шампионите. Сепак и покрај резултатот, шпанските медиуми најмногу внимание посветија на Жозе Мурињо.

Тренерот на Бенфика и поранешен стратег на Реал беше исклучен во првиот натпревар, одигран во Лисабон, во меч исполнет со тензии и расправи. Мурињо бурно реагираше кон четвртиот судија и заработи црвен картон, со што автоматски му беше забрането да седи на клупата на Сантијаго Бернабе.

Во пресрет на реваншот, главното прашање беше од каде Португалецот ќе го следи натпреварот. Реал Мадрид му обезбеди место во посебна радиокабина на стадионот, a главна тема беше како фановите на белиот клуб ќе го пречекаат нивниот поранешен предводник кој 13 години се немаше вратено на Бернабе.

Одговорот пристигна непосредно пред стартот на натпреварот.

Според емисијата Ел Чирингуито, Мурињо воопшто не излегол од клупскиот автобус. Останал на паркингот под стадионот и натпреварот го следел на таблет, далеку од трибините и рефлекторите.

Шпанските медиуми оценија дека Португалецот сам си го саботирал враќањето на стадионот каде мина три сезони и освои бројни трофеи. Се тврди и дека бил свесен дека по протестите и расправиите во првиот меч ќе биде исклучен и дека однапред знаел какви последици ќе има тоа.

Зошто избра вакво сценарио останува отворено прашање. Дали сакал да ја избегне реакцијата на навивачите на Реал, дополнителниот притисок или сметал дека неговото отсуство ќе ја мотивира екипата, тешко е да се процени.

Интересно е што и покрај тензиите по првиот натпревар и неговите обвинувања дека Винисиус Жуниор ги провоцирал фановите на трибините, односот на Реал кон поранешниот тренер останал коректен и му бил обезбеден посебен простор за следење на средбата.