ПРЕСТИЈАНИ ДОБИ КАЗНА ЗА НАВРЕДАТА НА ВИНИСИУС
Објавено на: 23.02.2026
Фудбалерот на Бенфика, Џанлука Престијани, е суспендиран поради наводно расистичко навредување на Винисиус Жуниор на натпреварот меѓу Бенфика и Реал Мадрид во плејофот од Лигата на шампионите.
Инцидентот се случи по голот на Винисиус, кога Бразилецот му се пожалил на судијата дека Престијани го навредил на расна основа. Натпреварот беше прекинат 11 минути, а според протоколите на Европската фудбалска куќа можел да биде и целосно прекинат доколку имало докази за расизам.
Сепак, бидејќи Престијани во моментот кога зборувал ја покрил устата со дресот, немало јасен доказ за навредата и мечот продолжил. По натпреварот, младиот фудбалер негирал дека го нарекол Винисиус мајмун, но Европската фудбалска унија сепак отвори истрага.
Денеска беше донесена одлука Престијани да биде суспендиран за реваншот меѓу Реал Мадрид и Бенфика, кој ќе се игра во Мадрид. Но, тоа можеби нема да биде единствената казна.
Истрагата сè уште трае и доколку се утврди дека навистина имало расистичко навредување, на Престијани му се заканува суспензија до десет натпревари. Конечната одлука се очекува во наредните денови.
Поради целата ситуација, тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, најави дека нема да присуствува на прес-конференциите во Мадрид, туку наместо него ќе се појави неговиот асистент.