Фудбал

ТРАМП ЌЕ ПРИСУСТВУВА НА ФИНАЛЕТО ВО ХОКЕЈ ПОМЕЃУ САД И КАНАДА?

Американскиот претседател Доналд Трамп наводно размислува да присуствува на финалето во хокеј на мраз на Зимските олимписки игри во Милано, каде што за златото ќе се борат САД и Канада во машка конкуренција.

Двете селекции изборија финале по победите над Словачка и Финска, а нивниот дуел веќе се оценува како политички чувствителен, со оглед на заледените односи меѓу двете држави во последниот период. Трамп претходно изјавуваше дека Канада би можела да стане 51 американска сојузна држава, што дополнително ја подгреа атмосферата.

Според италијанскиот весник Кориере дела Сера, локалната полиција веќе подготвува засилени безбедносни мерки доколку Претседателот Трамп реши да присуствува на натпреварот во арената Милано Санта Џулија. Се шпекулира дека Трамп би пристигнал директно со претседателскиот авион, а можно е да се појави и на церемонијата на затворање во Верона пред веднаш да ја напушти Италија.

Од Меѓународниот олимписки комитет засега нема официјална потврда. Портпаролот Марк Адамс изјави дека нема да коментира движења на шефови на држави и ги упати новинарите кон Белата куќа.

Интересно е што Трамп и претходно бил исвиркуван на спортски настани, вклучително и на финалето во НХЛ лигата, како и на Светското клупско првенство. Од друга страна, потпретседателот Џеј Ди Венс помина речиси незабележано на натпревар на американската женска селекција, но беше гласно исвиркан на отворањето на Игрите на стадионот Сан Сиро.

Финалето меѓу САД и Канада се очекува да биде еден од најгледаните настани на Игрите, а американската селекција, предводена од капитенот Остин Метјуз, важи за благ фаворит во битката за златото.