Фудбал

КОЈ Е НОВИОТ СПОНЗОР НА ДРЕСОВИТЕ НА ЧЕЛСИ?

Челси конечно обезбеди спонзор на предната страна од дресот, по период во кој настапуваше без главен партнер уште од крајот на минатата сезона.

Во текот на сезоната 2024/25, „сините“ поголемиот дел од натпреварите ги одиграа без натпис на предниот дел од дресовите, сè до завршницата кога привремено решение понуди дубајската компанија ДАМАК. Клубот минатото лето наводно барал околу 60 милиони евра годишно за ваков договор, по пласманот во Лигата на шампионите, освојувањето на Конференциската лига и титулата на Светското клупско првенство.

Сепак, договор не беше реализиран, а сините останаа без значителни приходи во текот на сезоната. Сега Челси постигна нов краткорочен договор кој ќе важи до крајот на тековната кампања.

Нов спонзор е компанијата IFS – шведска компанија специјализирана за вештачка интелигенција. Станува збор за еден од водечките светски провајдери на индустриски софтвер базиран на вештачка интелигенција, основана во 1983 година. Компанијата има повеќе од 7.000 вработени во 80 држави и веќе е присутна во спортот како спонзор на тим во Формула 1, Кадилак, но и на националната крикет репрезентација на Шри Ланка.

Со овој договор Челси конечно ја пополни празнината на дресот, барем до крајот на сезоната и обезбеди дополнителен финансиски поттик во финишот од натпреварувачката година.