Фудбал

ВО ИТАЛИЈА СЕ БАРА БАСТОНИ ДА БИДЕ ИЗОСТАВЕН ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Дефанзивецот на Интер, Алесандро Бастони, се најде во центарот на жестока дебата во Италија по дербито против Јувентус, кое Интер го доби со 3-2 на Сан Сиро.

Инцидентот се случи во 42 минута, кога Бастони падна по дуел со Пјер Калулу. Французинот веќе имаше жолт картон, а судијата му покажа втор, по што Јувентус остана со играч помалку. Сепак, снимките покажаа дека контактот бил минимален и дека дефанзивецот на Интер го наседна Французинот, а по црвениот картон тој бурно прослави. Бидејќи не стануваше збор за директен црвен картон, ВАР немаше можност да интервенира.

Одлуката предизвика лавина реакции. Дел од италијанските медиуми оценија дека дербито било „расипано“ од судиската грешка, а критики кон Бастони упатија и поранешни фудбалери и судиски експерти.

Меѓу најгласните беше легендата Алесандро Дел Пјеро, кој јавно го осуди симулирањето, додека судискиот координатор Џанлука Роки исто така го посочи неговото однесување како проблематично.

Случајот отиде и чекор подалеку. Дел од новинарите и навивачите сметаат дека ваквото однесување не заслужува место во националниот тим и апелираа до селекторот Џенаро Гатузо и претседателот на федерацијата Габриеле Гравина да размислат за негово изоставување од репрезентацијата.

На социјалните мрежи се појавија пораки дека „антиспортското однесување не се вклопува со вредностите на Азурите“, а некои навивачи дури порачаа дека не сакаат Италија да ја претставуваат играчи кои оставаат ваков впечаток на теренот.