ПАЛМЕР НЕМА ПРОТИВ ЗА ТРАНСФЕР ВО МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД?
Објавено на: 26.01.2026
Името на Кол Палмер повторно е во центарот на трансфер-шпекулациите, откако англиските медиуми објавија дека офанзивецот на Челси се чувствува „носталгично“ во Лондон и не ја исклучува можноста за преселба во Манчестер.
23-годишниот фудбалер пристигна на Стемфорд Бриџ од Манчестер Сити во септември 2023 година и веднаш експлодираше. Во дебитантската сезона постигна 25 голови и запиша 15 асистенции на 46 натпревари, додека и во ланската сезона заврши како најдобар стрелец на Челси со 18 голови.
Сепак, актуелната сезона не оди според планот. Палмер има проблеми со повреда на препоните, што го ограничи на само 11 старта, а тоа отвори простор за шпекулации околу неговото расположение и иднина.
Според Д Сан, Палмер не ужива повеќе во животот на југот и му недостасуваат семејството и пријателите од Витеншо, квартот во Манчестер каде што пораснал. Истите извори тврдат дека фудбалерот, кој како дете навивал за Манчестер Јунајтед, е отворен за можен трансфер на Олд Трафорд, доколку клубот покаже интерес, a во меѓувреме се појави фотографија од него во црвениот дрес од детските денови.

Во исто време, се наведува дека Палмер не би размислувал за враќање во Манчестер Сити, клубот од кој замина во потрага по поголема улога.
На шпекулациите реагираше и тренерот на Челси, Лиам Росениор, кој категорично ги негираше тврдењата дека Палмер е незадоволен.
Имав многу разговори со Кол и тој е навистина, навистина среќен тука. Тој е клучниот играч во нашите долгорочни планови. Неговото разочарување во последните денови не е со Челси туку е поврзано со болките, бидејќи не можеше да игра на нивото кое го очекува од себе. Тоа нема никаква врска со тоа дали е среќен во Лондон.
Дали носталгијата ќе прерасне во вистинска трансфер-сага останува да се види, но засега топката е повеќе во „просторот“ на медиумите отколку на теренот.