Ракомет

ЧЕРВАР СО ПОФАЛБИ ЗА КИРЕ ЛАЗАРОВ И ОДБРАНАТА НА МАКЕДОНИЈА

Легендата на хрватскиот ракомет и поранешен селектор на Македонија, Лино Червар, во изјава за хрватскиот портал „Нет“ направи детална анализа на досегашните случувања на Европското првенство што се одржува во Данска, Шведска и Норвешка, пред се со детален осврт на Хрватска, но не заборави да ја спомене и Македонија, пред се неговиот „ученик“ Кире Лазаров и дел од играчите од поранешен Металург.

Искусниот стратег истакна дека Лазаров очигледно темелно ја проучил неговата ракометна филозофија и современите концепти на игра, особено во одбраната.

Лазаров добро ја проучил мојата книга. Со еден врвен играч како Филип Кузмановски, кој порасна со мене во Металург, и со нова, поинаква одбрана, ја држеше Португалија на раб на елиминација, репрезентација која вчера ја победи Данска. Да не им паднеше топката од рака двапати на Македонците, Португалија ќе беше елиминирана. Македонија е скромна репрезентација, но со иновативен пристап што ги надминува своите граници.

Во центарот на неговата анализа е напуштањето на застарената зона 6-0 и насочување кон модерна, проактивна одбрана. Според Червар, токму таму е иднината на ракометот, во креативноста и храброста да се размислува поинаку.

Тие играа проактивна одбрана каква што никој досега не играл, токму онаква каква што ја опишувам во книгата. Со тоа целосно ги неутрализираа браќата Коста и не им дозволија да ја наметнат својата игра. Постојат два вида проактивна одбрана, современата 5-1 што ја предлагам и онаа што ја игравме уште во 2003–2004 година, како и одбраната против Франција на последното Светско првенство, кога ги победивме.

Иако Македонија веќе го заврши настапот на Европското првенство, впечатокот што го оставија избраниците на Лазаров е повеќе од позитивен. Пофалните зборови од еден од највлијателните ракометни умови во Европа се уште една потврда дека македонскиот ракомет се движи во вистинска насока со модерна визија, храброст и јасен идентитет.