ИСТОРИЈА ЗА ПРЕВЦ: ПРВА СЛОВЕНЕЧКА ПОБЕДА ПО 73 ГОДИНИ ВО ОБЕРСДОРД
Објавено на: 29.12.2025
Словенечкиот ски-скокач Домен Превц блесна на првото натпреварување од Новогодишната турнеја „Четири скокалници“, одржано во германскиот Оберсдорф, освојувајќи убедлива победа и испишувајќи историја за словенечките ски-скокачи.
Превц доминираше во двете серии, собирајќи вкупно 316,7 поени благодарение на извонредните скокови од 141,5 и 140 метри. Неговите настапи беа убедливо најдобри во двете рунди, со што не остави простор за изненадување кај конкуренцијата.
На подиумот му се приклучија сонародникот Тими Зајц и актуелниот победник на Новогодишната турнеја, Австриецот Даниел Чофениг, кои завршија со идентичен број поени – 299,2. И двајцата во втората серија направија значаен пробив, надминувајќи ги Австријците Јан Херл и Јонас Шустер, кои по првата серија му беа најблиску на Превц.
Овој триумф има и посебна историска тежина: за првпат во 73-годишната историја на „Четири скокалници“, словенечки ски-скокач победил во Оберстдорф. Дури и во времето на Југославија, словенечките натпреварувачи не успеваа да стигнат до победа на оваа скокаоница.
Покрај Домен Превц, уште двајца Словенци запишаа забележителни пласмани и тоа, Анже Ланиушек кој заврши на 12. место со 284.6 поени, додека Рок Облак беше 28. со 244.1 поен.
Ова беше 15 индивидуална победа на Домен Превц во Светскиот куп и вкупно 155 за словенечките ски-скокачи. Со оваа победа, Домен се изедначи на второто место на вечната листа словенечки победници со легендарниот Примож Петерка, кој исто така има 15 триумфи. На врвот останува неговиот брат, Петер Превц, најуспешниот словенечки ски-скокач во историјата со 24 победи.
Новото натпреварување од Новогодишната турнеја е закажано за 1 јануари во Гармиш-Партенкирхен, каде Превц ќе има можност да го продолжи победничкиот ритам и да се приближи кон уште еден голем успех.