ИНИЦИЈАТИВА НА ВАРДАР: ЈУЖНА ДА СЕ ВИКА ВАСИЛ РИНГОВ
Објавено на: 28.12.2025
Фудбалска Македонија денес повторно се потсети на големината на Васил Рингов. На комеморацијата одржана во негова чест, ФК Вардар објави дека е поднесена иницијатива јужната трибина на националната арена Тодор Проески да биде преименувана и да го носи името на легендарниот напаѓач.
Рингов беше еден од најпрепознатливите симболи на „црвено-црните“. Во својата богата кариера тој одигра преку 200 натпревари за Вардар и постигна 93 погодоци, оставајќи трага која ќе остане запаметена во клупската историја. Неговите голови, харизма и посветеност го направија миленик на трибините и вечен дел од вардарската приказна.
Комеморативната седница се одржа во хотелот „Хилтон“, каде што поранешни соиграчи, тренери, раководството на клубот, навивачи и спортската јавност упатија зборови на благодарност и почит. Емоциите беа силни, зборуваа за човекот кој не беше само врвен фудбалер, туку и господин надвор од теренот.
Како највисок знак на признание, клубот донесе одлука засекогаш да го повлече дресот со број 11. Бројот кој Рингов со гордост го носеше повеќе нема да се појави на грбот на ниту еден играч на Вардар и ќе остане негов засекогаш.
Васил Рингов почина на 23 декември 2025 година, на 70-годишна возраст, по кратко боледување. Замина тивко, но зад себе остави голема историја, спомени и генерации навивачи кои ќе го паметат.
Иницијативата јужната трибина да го носи неговото име е повеќе од симболика, тоа е должниот поклон кон човек кој му даде идентитет на Вардар. Ако постои место каде што најмногу се славеле неговите голови и победите на клубот, тоа се токму трибините. Сега, тие имаат шанса засекогаш да му припаѓаат нему.