Фудбал

НОВ ИЗУМ НА АРТЕТА: ТРЕНИРАЊЕ ВО МРАК

Артета е познат како визионер, иноватор и тактички перфекционист, нели? Во ред, за многу од фановите на неговите ривали потфрлува кога се во прашање резултатите, но оваа сезона можеби ќе биде онаа кога ќе го демантира и тој факт.

Сепак, мора да се признае дека неговите тренинг методи често вклучуваат експерименти: од визуелни симулации на натпреварски притисок, па сè до аудио дистракции за играчите да научат да одржуваат концентрација. Но оваа која англиските медиуми ја извадија во вчерашниот ден е навистина невидена и нечуена досега: Со целосно гасење на светлата додека тренираат, односно во мрак.

Според клубски извори, идејата е играчите да научат да се ориентираат по звук, инстинкт и ограничени визуелни траги, како предаторите во дивина. Во околина без видливост, мозокот е приморан да реагира побрзо, да ги процесира сигналите попрецизно и да формира нови навики на перцепција.

Иако делува ексцентрично, тренинг во мрак не е сосема непозната практика во светот на спортот. Борци го користат за подобрување на реакциите, кошаркари за контрола на топката без визуелна зависност, па дури и голмани понекогаш тренираат со ограничена видливост за да го подобрат рефлексот.

Основната идеја е дека кога ќе ја намалиш видливоста, мозокот почнува да ги засилува другите сетила, создавајќи подобра просторна ориентација и побрза когнитивна обработка. Артета верува дека тоа може да биде тајното оружје во моменти кога играта бара интуитивна реакција како пресинг, брзи додавања или ориентација во казнениот простор.

Прашањето кое што се поставува е следно: На кој натпревар ќе му го исклучат светлото?