Фудбал

ЛЕГЕНДАТА СЕ ВРАЌА ВО ГЛАЗГОВ ЗА ДА ГО ТРЕНИРА МИОВСКИ?

Управата на Ренџерс го отпушти Расел Мартин oд тренерската позиција по ремито со Фалкрик од 1-1 од изминатиов викенд, по што шкотскиот гигант активно работи на случајот што побрзо да најде замена.

Иако неколку имиња се во игра, едно се истакнува поради успешната историја која ја дели со клубот, а тоа е Стивен Џерард. Легендата на англискиот фудбал е без ангажман од јануари годинава откако ја прекина соработката со Ал-Етифаки, па навивачите на Ренџерс го бараат да се врати.

Џерард на клупата на Ренџерс ги доживеа првите менаџерски успеси, каде што авантурата му почна во април 2018 година и траеше до крајот на сезоната 2020/21. Со Џерард на клупата, Ренџерс ja освои првата титула по 10 години пауза и тоа без пораз, а во рекордната сезона стигнаа до 102 поени и само 13 примени погодоци во 38 првенствени меча.

Потенцијалниот камбек на некогашниот капитен на Ливерпул би бил и одлична прилика за Бојан Миовски, македонскиот репрезентативец кој од оваа сезона ги брани боите на гигантот од Глазгов. Искуството на популарниот Стиви Џи може да биде од голем значај за штипјанецот да ја развие својата игра на ново ниво, па како во дресот на Абердин повторно да ги решета мрежите во Шкотска.