ПАРАТА ВРТИ И КОГА НЕМА УСПЕСИ: ЈУНАЈТЕД СО РЕКОРДНИ ПРИХОДИ
Објавено на: 17.09.2025
Управата на Манчестер јунајтед пријави приходи од рекордни 665 милиони фунти за сезоната 2024/25, иако тимот забележа катастрофални резултати и ја заврши сезоната на 15-тото место во Премиер лигата. Очигледно и отсуството од европските натпреварувања не наштети на брендот да заработува, што е само доказ дека и натаму Црвените ѓаволи се меѓу најголемите фудбалски организации во светот.
Клубот оваа година истрпи 18,4 милиони фунти загуба во останати трошоци, што е драстично помалку во однос на 2024 година кога трошоците беа дури 69 милиони фунти. Што се однесува за трошоци околу тимот и тручниот штаб, пријавени се 36,6 милиони фунти, од кои најголем дел се поради отказот на Ерик тен Хаг и неговите помошници.
Јунајтед во меѓувреме ја зголеми продажбата на билети за дури 17%, додека приходот од продажба на дресови и друга галантерија исто така е зголемен за 10%.
Неверојатно е како управата остварува финансиски успеси, а голема заслува за тоа има ко-сопственикот Џим Ретклиф, кој „сечеше“ и кратеше трошоци од најмал до најголем размер, и натаму продолжува да оперира за да го врати клубот на славните патеки.