Фудбал

МИОВСКИ НАЗАД ВО ШКОТСКА, ЌЕ ИГРА ЗА РЕНЏЕРИТЕ ОД ГЛАЗГОВ

Бојан Миовски во последните денови од летниот преоден рок реши да се врати во Шкотска, а неговиот нов клуб ќе биде Глазгов Ренџерс. По само една мината сезона во редовите на шпанска Жирона, македонскиот голгетер одлучи дека е најдобро повторно да игра во лигата каде бележеше блескави партии во дресот на Абердин.

Ренџерс ќе плати 3,5 милиони евра за услугите на Миовски, кој пак денес или утре ќе потпише долгогодишен договор со шкотскиот вицешампион со траење до јуни 2029 година. Медицинските прегледи се закажани за денес во Париз, по што штипјанецот ќе може да биде претставен како нов Ренџер.

Миовски за две сезони кои ги мина во Абердин постигна 30 гола на 68 лигашки настапи во Премиершип, стана миленик на клубот со серијата одлични партии по што минатото лето му следуваше трансфер во Жирона. Таму не се снајде, во вкупно 23 меча постигна само четири гола и две асистенции, но се појави на главната УЕФА сцена во Лигата на шампионите.

Оваа сезона Миовски со Ренџерс ќе настапува во Лигата на Европа.