Фудбал

ШАМПИОНОТ ВЕЧЕРВА ДОАЃА НА НЕПРИЈАТЕЛСКО ТЛО ПО ТРИТЕ БОДА И НАПАЃАЧОТ OД 150 МИЛИОНИ ЕВРА

Последниот натпревар од второто коло во Премиер лигата треба да биде вистинска драма, шампионот Ливерпул гостува на „Сент Џејмс Парк“ кај Њукасл со намера да го добие целиот плен пред враќањето дома.

Црвените не само што ги посакуваат трите бода кои неретко ги освојуваат на северот од Англија, туку доаѓаат и со полни вреќи пари наменети да пазарат напаѓач, во ликот и делото на Александер Исак. Токму околу шведскиот голгетер летово се создаде драма откако Ливерпул покажа конкретен интерес за неговите услуги, по што се наруши атмосферата во редовите на Њукасл.

Бунтот на Исак да биде ослободен од договорот со моменталниот клуб и да ја облече униформата на актуелниот бранител на англиската титула, создаде огромна омраза кај навивачите на Њукасл кон сè што претставува Ливерпул. „Персона нон грата“ е статусот кој Ливерпул го доби од страна на фановите на Њукасл, обвинувајќи го гигантот од Мерсисајд на неџентлменски пристап и обид да го добие посакуваното засилување.

Според англиските медиуми, веднаш по натпреварот ќе се достави нова понуда за Исак, Њукасл ќе треба да размисли дали да прифати апсолутен британски рекорд од 150 милиони евра. Сумата е астрономска, доволна да ги задоволи апетитите на Страчките кои по секоја цена се обидуваат да го задржат својот најдобар фудбалер, иако тој веќе не сака да игра за нив.

Напоредно влегуваме во последната недела од летниот преоден рок, во кој ќе биде клучно за Њукасл да најде адекватна замена за Исак, пред да признае пораз и да ја прифати најавената рекордна понуда.