Фудбал

БАРСА И РЕАЛ ПОВТОРНО ЈА „ГОТВАТ“ СУПЕРЛИГАТА: ОВОЈПАТ СЕ ВКЛУЧИ И УЕФА?

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, тврди дека проектот „Суперлига“ е далеку од заборавен и дека овојпат во соработка со УЕФА ќе се изготви најавуваната лига на европски гиганти.

Вклучувањето на УЕФА би значело дека Лигата на шампионите ќе истрпи нови реформи, откако во ланската сезона дебитираше новиот формат и се покажа дека е вистински погодок.

Во преговорите е активен и Флорентино Перес, првиот човек на Реал Мадрид, кој смета дека мора да дојде до промени во начинот на кој најуспешните и најголемите клубови се натпреваруваат, со цел да се задржи фан-базата, но и да се шири популарноста на глобалниот спорт.

„Моментално сме во преговори со УЕФА околу Суперлигата. Претседателот Чеферин ангажираше претставници на УЕФА кои макотрпно работат да го реализираат нашиот сон. Чеферин е во контакт и со претставници од Суперлигата, а она што можам да кажам е дека имаме согласност за многу сегменти“, открива Лапорта.

Една од главните точки за кои двете страни се согласиле е формирање на посебна стриминг-платформа, на која бесплатно би се емитувале сите натпревари, со цел навивачите безгрижно да го следат првенството.

Според сите инволвирани, Суперлигата ќе го подобри фудбалот и начинот на кој големите клубови се натпреваруваат и стекнуваат статус на престиж, но исто така важен фактор се финансиите, односно приливот на пари и профитот кој би се делел само меѓу клубовите, а нема да бидат управувани од правно тело (како УЕФА).

Идејата за формирање на Суперлига првично се појави пред околу четири години, со дури 12 тимови најавени како премиерни учесници. Навивачите од целиот свет кренаа огромен бунт, дури имаше и протести пред неколку клуба, по што голем дел од иницијаторите се повлекоа. Дали овојпат конечно ќе се спроведе планот на моќниците?