Фудбал

TEЖОК ЛАПСУС НА ГРАДСКАТА СОВЕТНИЧКА НА ЕЛ-ЕЈ: СОН ЌЕ МУ ПОМОГНЕ НА ТИМОТ НА САД ДА ЈА ОСВОИ СВЕТСКАТА ТИТУЛА (ВИДЕО)

Хеунг-Мин Сон пристигна во Калифорнија како големо засилување на ЛАФЦ откако мина 10 години во редовите на Тотенхем. Јужнокореецот потпиша двегодишен договор со тимот од Градот на Ангелите, а на прес-конференцијата на која беше претставен имаше голема посетеност.

На настанот присуствуваше и градската советничка Хедер Хат, која во обид да се покаже како заинтересирана околу фудбалерот, го праша како Сон ќе помогне на репрезентацијата на САД да го освои Светското првенство, кое следното лето ќе се одржи токму во Соединетите држави, заедно со Канада и Мексико како ко-домаќини.

„Без да ти вршиме притисок, кога ќе дојде време за Светското првенство, ние тука во Лос Анџелес очекуваме САД да ја освои титулата, а заедно ќе ве поддржиме да го остварите тоа“, се обрати Хат кон новата ѕвезда на Ел-Еј.

Недоволната информираност може да доведе до вакви лапсуси, градската советничка смета дека Сон како член на Ел-Еј ќе има право да настапува и за САД. Веруваме дека по оваа презентација некој ѝ објаснил како стојат работите…