Ракомет

ИВАН ЧУПИЌ И ОФИЦИЈАЛНО ПРЕТСТАВЕН ЗА НОВ КОРМИЛАР НА ВАРДАР

Легендата на Вардар и една од иконите на хрватскиот ракомет, Иван Чупиќ, денес и официјално беше претставен на јавноста како нов тренер на Црвено-црните.

Човекот кој со гол во последната секунда ја донесе првата од двете европски титули на Вардар, го прифати предизвикот да го врати сјајот на најуспешниот ракометен бренд во Македонија, што за него е примарна цел.

„Прво да се заблагодарам на мојот клуб Метковиќ кој пред сè ми даде шанса да ги развивам моите тренерски вештини, а потоа без проблем ми дозволи да дојдам тука. Сите знаете колку ми значат Вардар, Скопје, Македонија, Комити, оваа понуда едноставно не можев да ја пропуштам, воопшто не размислував дали да прифатам. Не секој добива прилика да работи под притисок, а тоа е привилегија во ракометот. Целта ни е да го вратиме Вардар таму каде што му е местото, да ја вратиме титулата во нашите витрини по три години пауза“, истакна Чупиќ на денешната прес-конференција.

Хрватскиот стратег потврди дека Столе Стоилов ќе остане во клубот, но уште не е познато во каква функција. Се шпекулираше за можен камбек и на Игор Карачиќ во улога на спортски директор, но засега нема информации околу тоа.