БАКСУЗОТ НА ЛА ЛИГА: ЧЕТИРИ ГОДИНИ ВО НИЗА ОТПАЃА ОД ЕЛИТАТА
Објавено на: 07.05.2025
Дарвин Мачис, крилниот офанзивец на Ваљадолид, е прогласен за најголемиот баксуз во Ла Лига, по испаѓањето на неговиот тим од најелитното шпанско фудбалско првенство.
Имено, искусниот интернационалец на Венецуела претрпе четврто последователно отпаѓање од Ла Лига, а вторпат со Ваљадолид.
Во сезоната 2021/22 Мачис како член на Гранада не успеа да обезбеди опстанок, а веќе следната сезона 2022/23 му следуваше ново отпаѓање од Ла Лига со Ваљадолид.
Во сезоната 2023/24 како позајмен играч во Кадис, Дарвин исто така мораше да се сели во вториот ранг на шпанскиот фудбал, за оваа сезона повторно да го фати патот кон Ла Лига 2, откако Ваљадолид на четири кола пред крајот на шампионатот биде елиминиран како последнопласирана екипа со само 16 бода.
На 32 години, Мачис сезонава одигра само 17 меча во првенството и запиша само една асистенција, па прашање е дали Ваљадолид ќе имаше поголеми шанси за опстанок доколку и Дарвин беше поефикасен.