Останато

СКАНДАЛ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО СКИЈАЧКИ СКОКОВИ: ДОМАЌИНИТЕ ПРИЗНАА МАМЕЊЕ!

Норвешката нордиска репрезентација направи скандал за време на Светското првенство во нордиско скијање. Скокачите кои ја претставуваа Норвешка како домаќин на скијачките скокови во Трондхајм, се натпреварувале со модифицирани скафандери, а потоа од федерацијата признаа дека мамеле, со што беа дисквалификувани и останаа без медал.

Мариус Линдвиг и Јохан Андре Форфанг беа дисквалификувани од саботното натпреварување, откако полскиот медиум „Спорт.пл“ објави снимки од наводното модифицирано кроење на скафандерите. По обелоденувањето на скандалот, спортскиот директор на норвешката федерација, Јан-Ерик Аалбу, призна дека се манипулирало со скафандерите.

„Мамевме. Се обидовме да оствариме резултати со мамење и лажење. Јасно ни е дека тоа е неприфатливо. Се извинувам на сите противнички тимови, скокачи, спонзори и фанови. Овој случај ќе го решиме до крај“, истакна спортскиот директор на Норвешка.

Линдвик првично го освои сребрениот медал, но откако Австрија, Полска и Словенија службено протестираа, медалот му беше одземен на норвешкиот скокач, а заедно со Форфанг кој заврши на петтото место, беа дисквалификувани. На крајот, во машка конкуренција, со златен медал се закити Словенецот Домен Превц, сребрен беше австрискиот претставник Јан Херл, додека на третото место заврши Јапонецот Риоју Кобајаши.