Кошарка

ИСТОРИЈА: ПРВИОТ 100-МИЛИОНСКИ ДОГОВОР НА СПОРТСКИ ВОДИТЕЛ

Историски момент во спортското новинарство оствари Стивен А. Смит, главниот водител на „Хот тејк“ емисијата на „ЕСПН“, откако викендов потпиша 100-милионски договор на пет години со најпопуларната спортска телевизија во САД.

Продолжувањето на соработката на 100 милиони американски долари е рекорд во спортското новинарство, а Смит дефинитивно е најплатен водител и спортски новинар на планетата. Неговата популарна емисија опфаќа сè од спорт што се случува во САД, но шоуто е најгледано поради контроверзните гледишта на Смит во врска со НБА.

Колку Стивен е контроверзен, докажува ситуацијата со Леброн Џејмс која се случи пред неколку дена, кога суперѕвездата на Лејкерс „му одржа лекција“ на Смит покрај аут-линијата и му порача да внимава кога зборува за неговиот син, Брони Џејмс.