Тенис

ДВОЈНИТЕ СТАНДАРДИ НА ВАДА ОКОЛУ „СЛУЧАЈНИТЕ“ ДОПИНГУВАЊА

Јаник Синер не можеше да посака полесна казна откако „падна“ на два допинг тестови. Се спогоди на три месеци неиграње со Светската анти-допинг агенција, и притоа не му е одземен ниту еден трофеј, а ниту парите заработени како награда од турнирите кои ги играше додека се водеше истрага против него.

Тениската јавност е особено незадоволна од одлуката на ВАДА, неколку светски тенисери кренаа глас против двојните стандарди на Агенцијата, а колку всушност е заштитен италијанскиот тенисер кој моментално е број 1 во светот, докажува следниот пример.

Лаура Баркеро, шпанската олимпијка за уметничко лизгање, пред неколку години беше во идентична ситуација како и Синер, но таа заработи дури шест години суспензија.

Баркеро падна на два теста откако ѝ беше откриена истата супстанца „клостебол“, внесена во нејзиниот систем преку кремата „Трофодермин“, како и начинот на кој било контаминирано нејзиното тело, по случаен пат. Но, за разлика од Синер, Баркеро се трудеше да докаже дека не користи намерно недозволени сусптанци, но во дефицит на докази не успеа да се избори за правда.

По Зимските Олимписки игри во Пекинг во 2022 година, Лаура прво доби едногодишна суспензија, а потоа и дополнителни 5 години. Нејзината суспензија завршува во февруари 2028 година, додека Синер ќе одмори три месеци, а потоа ќе има прилика да се натпреварува за вториот гренслем сезонава, Ролан Гарос.

Кога два идентични случаи ќе се стават на кантар, а последиците не се исти, нормално е да се крене глас против двојните стандарди на Агенцијата која наводно настојува да се бори против допинг за светскиот спорт да се одвива на фер и правилен начин.