СЕ ЗНАЕ КОЈ Е ФАВОРИТ ДА ГО НАСЛЕДИ ДЕШАМП НА КЛУПАТА НА ТРИКОЛОРИТЕ
Објавено на: 08.01.2025
Француската фудбалска репрезентација ќе добие нов селектор по Мундијалот во 2026 година кој ќе се игра во САД, Канада и Мексико. Дидие Дешамп потврди дека ќе го отстапи кормилото, со што ќе се стави крај на 14-годишната соработка меѓу екстренерот на Марсеј и Триколорите.
Медиумите веќе поставија фаворит кој ќе го наследи актуелниот селектор, а дури и секој фудбалски познавач може да претпостави за кого се работи. Зинедин Зидан го чекаше токму овој момент, да добие шанса да ја води својата Франција.
Зидан изминаов период одбиваше европски гиганти, по второто заминување од Реал е без работа, па беше јасно дека чека да се ослободи селекторското столче.
Сепак, популарниот Зизу ќе има тешка задача да ги повтори успесите кои Франција ги нареди со Дешамп, играјќи во две светски финалиња во низа, од кои во 2018 се искачија на фудбалскиот трон, а во зимата 2022 загубија од Аргентина во едно од најдобрите мундијалски финалиња некогаш одиграни.