Фудбал

КОЈ ЌЕ ЈА СПАСУВА РОМА: МАНЧИНИ, ПОТЕР, АЛЕГРИ ИЛИ НЕКОЈ ДРУГ?

Рома од попладнево официјално е без тренер, откако раководството на римскиот клуб му даде отказ на Иван Јуриќ, месец и пол по назначувањето.

Иако тој можеби се уште ги нема спакувано куферите од Рим, веќе се шпекулира со најсериозните имиња кои би требало да ја предводат волчицата по репрезентативната пауза.

Според италијанските медиуми, најсериозен кандидат е Роберто Манчини, кој остана без работа откако си замина од селекторската позиција на Саудиска Арабија. Како имиња кои исто така се конкретни за оваа „работна позиција“, се споменуваат и Грем Потер, Макс Алегри, Един Терзиќ, а не се исклучува ниту враќање на Даниеле Де Роси кој беше отпуштен за да биде ангажиран „хрватскиот Мурињо“ пред само неколку седмици.

Директорот на Рома, Флорент Гизолфи најави дека бараат тренерско име за долгорочен проект, а не само привремена крпеница, па затоа италијанските медиуми веруваат дека токму Роберто Манчини ќе седне на клупата, иако тој во својата играчка и тренерска кариера беше дел од вечниот непријател – Лацио.

Претходните недели, се шпекулираа и имињата на Френк Лампард и Фреди Гарсија. Сите овие споменати, се без ангажман во моментов.

За потсетување, Рома денес загуби од Болоња до 2:3 на домашен терен, а Јуриќ влезе во отворен конфликт со Паоло Дибала кој беше изоставен за денешниот натпревар.