БЛЕСКАА РАФИЊА, ЛЕВА, ФЕРМИН, НО ФЛИК ПОСЕБНО СЕ ВООДУШЕВИ ОД ЕДЕН ИГРАЧ
Објавено на: 24.10.2024
Барселона повеќе нема кошмари од Баерн Минхен по синоќешното декласирање во режија на момците на Ханси Флик.
Рафиња бомбардираше со хет-трик, асистираше Фермин, погоди и Левандовски против „своите“, но тренерот на Каталонците посебно се воодушеви од друг фудбалер кој исто така одигра одлична партија.
Флик издвои посебни пофални зборови за Марк Касадо, момчето кое е едно од многуте „матуранти“ од Ла Масија во актуелниот ростер и добива шанса да го покаже својот потенцијал, а очигледно ја користи таа шанса на најдобар можен начин по одличната партија против гигант каков што е Баерн.
„Марк е неверојатен, уште еднаш покажа колку е добар. Не сте свесни колку има напреднато во својата игра. Дефанзивно е фантастичен, а одлично се снаоѓа и со топката во нозе и кога се организираат напади. Касадо е уште „полн погодок“ од Ла Масија“, истакна Флик по големата победа.
Младиот шпански играч за врска успеа да ја добие довербата на Флик набрзо по назначувањето на германскиот стратег на клупата на Барса, па не е изненадување што често се наоѓа во стартните 11 оваа сезона во која веќе запиша 11 настапи.