Останато

ЌЕ ПИЕМЕ СТРУМИЧКО КАФЕ СО ПАНДЕВ, ОДБОЈКАТА НЕ ГИ СЛЕДИ НАШИТЕ РЕЗУЛТАТИ

Ексклузивно за Златна Копачка, нашиот интернационалец и репрезентативец Александар Љафтов одговори на неколку прашања поврзани со неговата кариера, со македонскиот спорт и со развојот на одбојката по двата последователни пласмана на континенталните собири.

Првиот Македонец во Суперлигата на Италија (Порто Робур Коста од Равена) ќе има несекојдневна и одговорна задача, да го пробие мразот за нашите одбојкари.

Подготвен ли си за предизвикот?

Се разбира дека сум мотивиран повеќе од кога било, за италијанската лига нема ни што да се коментира. Ова дури и за мене е несекојнедвен трансфер, сон на секој одбојкар е да игра таму, како што за секој кошаркар е НБА лигата. Одговорноста е голема, во италијанската Суперлига се работи многу професионално, секој натпревар мора да си на 120 проценти од можностите, а мразот е пробиен по првото европско за сите наши одбојкари. Штета што не се случи ова и порано, досега ќе имавме сите ние мнгоу подобри клубови и многу подобра македонска лига, со што ќе влијаевме и на резултатите на македонската репрезентација.

Ќе бидете на различни агенди со Горан Пандев, но ќе комуницирате ли? Ќе ти биде потребна секаква помош за да се адаптираш на животот таму…

Кога потпишав, една од првите работи на кои се сетив беше тоа и отворив да видам колку сме далеку со Горан Пандев. Не сме блиску, на сосема на различни страни сме, но сигурно ќе се сретнеме да испиеме струмичко кафе во Италија.

Македонија пак ќе игра на ЕП и тоа веќе ни станува секојдневие. Како течат подготовките, каква е атмосферата во таборот?

Двапати по ред сами изборивме пласман на европско првенство и не чека трето, со наша организација во Македонија 2023 година. Подготовките се започнати, имаше мали промени во репрезентацијата, со смената на селекторот што доведе до мал дисбаланс, бидејќи тоа се случува на два месеца пред европското првенство. Со Матијашевиќ се пласиравме на двата континентални собира, но тоа е спортот. Наше е да тренираме и да играме, за сите случувања во репрезентацијата одлучуваат други, ние сме професионални спортисти и на терен секогаш излегуваме да дадеме максимум и да оствариме добри резултати.

Имаме ли очекувања од континенталниот собир, или одиме да се надигруваме, па што биде нека биде?

Искрено, според мене, на ова европско имаме потешка група од минатото. Но, тогаш немавме некои цели бидејќи бевме дебитанти, а оваа година се надевам на подобар пласман од претходниот европски самит. Се надевам дека ќе успееме и покрај потешката група, затоа што сега сме и поискусни.

Се крева ли квалитетот на одбојката во Македонија, со овие резултати на оваа генерација?

Секогаш сум искрен и ќе кажам дека јас лично не гледам многу промени во македонската одбојка, за жал останува Струмица да работи и да вади млади одбојкари. Треба многу работа за да ја замени некој оваа репрезентација, но не гледам дека ќе има такво нешто во скоро време. Дај Боже да грешам и да не заменат нови генерации, со уште поголеми успеси.

Имаме ли иднина во младите играчи, ќе може ли да се надеваме на континуитет?

Има млади играчи, но се многу малку, на прсти се бројат и не се работи професионално со нив. За жал, единствено кога доаѓаат со репрезентацијата, еден месец или два и толку е. Треба да се направи подобра стратегија за нив, како во клубовите, така и во репрезентацијата.